Денес Сојузот на синдикатите на Македонија организираше регионална онлајн панел дискусија за Безбедност и здравје при работа, како дел од активностите предвидени во Проектот имплементиран од ССМ: БЗР во време на пандемија со КОВИД-19, а финансиран од ИТУЦ ПЕРК и Шведските синдикати Union to Union.
На панел дискусијата учествуваа претставници на синдикалните конфедерации од регионот: Сојуз на самостојни синдикати на Србија, (СССС), УГС Независност, Србија, Сојуз на синдикати на Република Српска, Сојуз на синдикати на БиХ, Сојуз на синдикати на Хрватска, Унија на слободни синдикати на Црна Гора, (УССЦГ), Конфедерација на слободни синдикати на Македонија (КСС), претставници на проектната канцеларија на РСС Солидарност, како и претставници на гранските синдикати здружени во ССМ, кои ги дискутираа и презентираа аспектите на БЗР во однос на пандемијата со КОВИД-19 во секоја земја.
Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Дарко Димовски на панел дискусијата истакна дека појавата на пандемијата COVID-19 ја одбележа 2020 година и предизвика последици кои досега биле непознати на глобално ниво. Сите држави вклучително и нашата, институциите на јавното здравје и другите релевантни фактори се соочија со сосема непознат противник, а реакцијата мораше да биде брза и ефикасна во насока на успорување и сузбивање на ширењето на заразата.
Од почетокот на пандемијата, ССМ како репрезентативен синдикат во државата, инсистираше на социјален дијалог и адекватно вклучување на сите социјални партнери во државата во креирањето на мерките за сузбивање на заразата и заштита на животот и здравјето на граѓаните. Истовремено апелиравме дека е нужно преземање на активности за одржување на деловните потфати, стабилизирање на економијата и функционирањето на општеството.
Сојузот на синдикатите на Македонија, како и синдикатите од регионот, уште на самиот почеток на пандемијата, имајќи ги предвид искуствата од државите кај кои пандемијата имаше земено поголем замав и препораките на Светската здравствена организација во насока на заштита на работниците кои за заболуваат од заразната болест Ковид – 19, како и за оние кои се во изолација и само изолација поради Ковид – 19, предложија и бараа:
КОВИД – 19 ДА СЕ ПРИЗНАЕ КАКО ПРОФЕСИОНАЛНО ЗАБОЛУВАЊЕ ЗА СИТЕ РАБOТНИЦИ И ЗА ОТСУСТВОТО ОД РАБОТА ПОРАДИ ЗАРАЗА, ИЗОЛАЦИЈА И САМОИЗОЛАЦИЈА ПОРАДИ ИЗЛОЖЕНОСТ НА KОВИД 19, ИСПЛАТАТА ДА ИЗНЕСУВА 100% ОД ОСНОВИЦАТА УТВРДЕНА СО ЗАКОН
Сојузот на синдикатите на Македонија за оваа цел има поднесено барања до Министерството за труд и социјална политика, до Министерството за здравство и до Владата за истите да го уредат ова право на работниците, а на оваа панел дискусија уште еднаш се потврди барањето на ССМ, КОВИД-19 да се признае како професионално заболување со огромна поддршка и од братските синдикати од регионот, кое во вид на Препорака од синдикатите од регионот ќе биде дополнително испратено како заедничка регионална иницијатива до надлежните институции во сите земји.
Izvor: ssm.org.mk
Leave a Comment